Дела има многу. По креативност, јас лично
сум импресиониран од нашава Ни. Ете конечно ја престигнавме и
Демократска Република Конго. Имено ако можат тие да имаат вселенска
програма, и веќе се прославија со развојот на ракетите под име „Тропосфера“
(буџет годишен од 50 000$) , што пак ние не можеме да имаме Барок, или
пак Галии на Вардар, или пак Панорамско тркало и останати неопходни
тракатанци. Неизбежна е паралелата помеѓу овие две навидум сосема
неповрзани географски одредници, Македонија и Демократска Република
Конго (забелешка до Т-Мобиле конечно
да се потрудат да ги додадат во листа за роаминг, пошто се две Конга, а
не ко што они мислат едно). Сосема симболично велам географски
одредници, а симболиката е во тоа што ако сака некој од културниот свет
да дознае за географската положба на било која од двеве спомнати земји,
ќе мора секако да се послужи со географска карта.
Македонија на денешен датум. Земја на
применет мултикултурализам. Што впрочем се гледа од прва со само една
прошетка по центарот на главниот град. Можеби мало парче на простор, но
сосема културно исполнето со ставки од секое сегментче од минатото. Овој
мултикултурализам е присутен и кај самото население на нашата држава
бидејки припадниците од сите културни заедници се доволно свесни за
различностите што не обединуваат. Па така од време на време под
диригентскиот фингер на политичките партии си разменуваат братски
прегратки по автобусите и останатите собирања од масовен карактер. Тоа
што во нашата држава нема алтернатива на сметките за струја и те како
не е битно, затоа што нас не грее оваа мултикултурна Љубов. А кај што
има Љубов никако не смее да стане збор за пари, бидејки Топлината и
Љубовта со пари не се купуваат. На исто мислење се и нашата Влада, и
компаниите што увезуваат струја. Тие поттикнувајки ја Топлината и
Љубовта во државава, парично ги пробија сите плафони, истовремено
докажувајки дека парите, а посебно оние од Буџетот на државава на овој
народ и те како му се небитни. Па така имаме и гасовод кој иако е
завршен во 96та година од минатиот век, сеуште е неактивен. Нашите
политичари се свесни дека евтината Топлина едноставно не е тоа тоа и со
таквата ни под разно не се поттикнува квалитетна
мултиетничка/мултикултурна Љубов. Фактот што Љубовта е основен предуслов
за да се живее во оваа држава истовремено го објаснува и чудото како
луѓето со толку малку пари и толку висок % на невработеност успеваат да
врзат крај со крај и пак да бидат среќни во своите кожурки. Бидејки да
не се лажеме, протести од социјален каректер минатава година едноставно и
немаше, а тоа е најголемиот доказ за Среќа, Љубов, Добробит.
Немаме ниту железничка пруга кон нашиот
сосед Бугарија, ниту разгранета автопатна мрежа. Но тоа е само намерен и
јасен показател дека ние како жители мораме да се фокусираме навнатре,
еден кон друг и конкретно кон луѓето што не опкружуваат, за да бидат
Топлината и Љубовта уште поголеми. Ние имаме можеби 2 000 000 жители, а
можеби и помалку, присутни во нашата држава. Тоа е сосема ирелевантно и
тие што сме малку останати овде, многу се сакаме. Од Македонија дури и
Дедо Мраз го испраќаме со полни раце, најчесто за Прага, бидејки во
давањето е среќата а не во земањето. Од мерките за поттикнување на
Љубов, особено се истакнуваше мерката во последниве два месеци од
годинава. Мерката на загаден воздух, едно прекрасно дело осмислено од
нашите авторитети, кое дополнително придонесе да луѓето седат затворени
во своите домови и шират Љубов во рамките на семејството.
Лесно е да се биде земја како Демократска
Република Конго. Нема ладни зими, нема ветер и магла, нема ниту Љубов и
Топлина помеѓу луѓето. Како поинаку да се објасни еден таков хаос во
земја која изобилува со нафта, најразноразни минерали, тропски шуми и
реки. Од сите тие изобилства луѓето се богати со омраза и се кољаат
помеѓу себе. А ете и вселенска програма дури имаат, ама кога нема Љубов,
исто како ништо да нема. Ама ќе ги престигнеме ние и во тоа. Веќе
предвидувам, лебдечка лансирна ракетна рампа на сред Дојранско езеро.
Нека се нарече „Дојранско 2018“. Секако се разбира во соработка со
нашите ни мили соседи од Грција , бидејки и ним само Љубовта и Топлината
им останаа.
No comments:
Post a Comment