Tuesday, October 24, 2017

БРИСЕНДЕНОВАТА ПРЕЗУМПЦИЈА НА НЕВИНОСТ...

Сите ние го имаме тој некој човек покрај нас. Наречете го како сакате, еве јас ќе го наречам „гласот на разумот“. Човекот што бескомпромисно и безрезервно е спремен да ви каже се што навистина мисли за вашите „дела“, без да ве потапша по рамо и без да очекува дека и вие исто ќе го потапшате по рамо со вашиот одговор. Уште ако е тоа човекот што ќе се потруди да во тие моменти на просветлување ви донесе некое количество на алкохол, што ете од несебични причини, решил да го сподели со вас во тие моменти на искрено себеосознавање... е тоа е пријателе  личноста што би сакале да ја задржите во вашиот живот.

Критиката почна да станува бесценета работа на оваа ебана планета. Не знам како е на другите, за сега возможно е да се биде жив само на оваа, меѓутоа чувајте се од слатко-речивите. Од оние ликови што никогаш не се во состојба да го прифатат предизвикот и да зачекорат во непознатото, во неодбележаната територија,  да ги излеат своите вистински импресии без притоа да водат сметка дека можеби нема да се изразат со „вистинските зборови“ и евентуално навредат/повредат некого. Па поѓаволите, одзема поприлична доза на ментална енергија напорот да се ставиш во туѓи чевли, да пробуваш да разбереш некого. Да се разбереме, мојот личен став е дека тоа само по себе и воопшто не е возможно. Некако првата категоризација што мене ми лично ми доаѓа на памет е да го наречам тоа „Етикетизам“. 

Етикетизмот е една болна и ниска душевна состојба при која „оценувачот“, односно тој што ве сослушува, од разноразни причини, нема воља да се стави за момент во вашите чевли. Во неговата сивкаста маса, таму некаде горе, една педа над неговото торзо, не можат да се оформат такви Хемиски процеси, што на дотичниот ќе му обезбедат интелектуален потенцијал за да се започне со една неформална анализа во својство на барем и делумно разбирање на искажаната материја. Па така на дотичниот „набљудувач“ му е многу полесно да започне процеси што само ќе премачкаат лепак и ќе ја залепат етикетата на содржината од искажаното. Бидејки ниту една тегла не смее да заврши на полиците неетикетирана и „неосознаена“. Со други зборови еден прост пример за ментална само-кастрација.

За разлика од овие, Брисендените, иако се реткост, сепак постојат. Успехот на успешните луѓе е да го пронајдат Брисенден во својот живот. Без разлика која и да е цената на просветлувањето, овие релации изускуваат трпение, сослушување, самоанализа и отсуство на импулсивност. Доблести што секој искрен почитувач на начините на свеста и интелектот е должен да ги следи. Да, и ова, не секогаш овие релации функционираат во обете насоки. Бидете среќни доколку го пронајдете овој лик во вашиот живот, и не протестирајте доколку ви кажат дека треба да ја прекинат дискусијата, затоа што треба да ја прошетаат својата Малтешка пудла токму тогаш.




Sunday, October 22, 2017

ГУЛАБИ НА НЕМИРОТ...

Не знам дали сте го осетиле она чувство, кога човек ќе прекине да сонува. Не знам ни дали беше прекин на сонувањето или пак едноставно се работеше на непомнење на сонуваното. Можеби целата ситуација имаше врска со лудите ноќи исполнети со поприлично количество на алкохол. Некое смрадливо, ладно и влажно време го обвиваше тој период од мојот живот и единствените светли точки беа ноќите исполнети со мноштво конзумирани молекули на алкохол и отсуство на свест и совест. Една причинско - последична релација изнедрена од трулото и безперспективно општество.Она кога утрата ти се напросто една чиста лотарија, и кога секое утро без главоболка се чувствуваш како добитник. Беше реткост ама знаеше да се случи. 

Причини, алкохол и расположени друштвенца секогаш се наоѓаа. На почетокот вложуваш напори да задржиш некој контролиран процес и какви такви критериуми, но со придвижување на работите едноставно гледаш да се „сврти водата на твојата бразда“.  Никогаш пиво, пошто јебеш ти пијалак што не те носи никаде и секогаш те остава на пола пат или пак во ред за чекање пред некој тоалет одново и одново. Никогаш не мешав вино со други вина или со други алкохоли. Само тој што не го осетил главоболието после испиена поприлична и мешана количина на господовиот лажливец на сетилата може да се нарече поштеден алкохоличар. 

Местата каде што се пиеше секогаш како по некое правило беа зачадени. Додуша и надвор беше зачадено. Во неколку наврати пробував да си го објаснам тој феномен. Посветувајки неколку сесии на шанк специјално за таа пригода, донесов едностран заклучок дека тоа е состојба, рефлексија на прљавите души на луѓето. Како поинаку да ја објасниш простата статистика што ги сместува тие луѓе секогаш во врвот по % на пушачи на планетава, и некаде кон дното од аспект на приходи по глава на жител. 

Утрата скоро секогаш и без исклучок ги мразев. Обично тешките и темни завеси беа развлечени преку прозорците за да спречат несакано појавување на било каков евентуален сончев зрак. Ништо не смееше да ја изремети мојата олабавена психа наутро. Единствено проклетите гулаби што беа вгнездени на балконот понекогаш знаеја драматично да се распафтаат со крилјата и да долеат масло во моето полуо-oсвестено главоболие. Долго време водев битка со тие проклети птици. На крај се откажав. Не знам дали им простив кога меѓу првите пати кога ме изреметија, излегов полу-расонет на балкон и сфатив дека се разбегале поради комшивката што спружаше алишта над мојата тераса. Или пак можеби  ги прифатив како природна казна кон моите сетила, како некаков последичен еквилибриум проследен со моментот на „па кој те тераше да пиеш толку пичка ти матер синоќа“ и инстантната главоболка. А можеби токму тоа звучно пафтање да беше и анихилаторот на моите соништа. Проклетите гулаби на мојот немир.

Wednesday, August 10, 2016

ГО ДОПРЕВМЕ (ЛИ) ДНОТО?

Се случи што се случи. Водата дојде и си отиде. Пустошот и наслагите останаа. Останаа и здробените и немоќни лица на преживеаните во оваа погибел. Останаа и поделбите на ваши и наши и ситно-профитерското размислување и комплетната некомпетентност што може луѓе/служби/органи на една држава да го покажат со години и години во своето работење. Жртвите само веќе ги нема, oние сироти души што се нашле на патот на водената стихија, што молскавично и како од никаде се појави и го погоди нашиот крај. За нив нема да говорам, да се надеваме дека се на некое поубаво и помирно место од ова нам што ни остана.

Ќе говорам за „одговорните“, т.е. за оние што тоа требаше да бидат. Дел од тие кои веднаш прстот го вперивте кон Господ и кон јаката бура, како главни и единствени виновници за настанатата штета што однесе толку многу човечки жртви (еве сеуште ги пребројуваме). Епа господа, доста беше. Време е да се впери прстот и кон вас: 

КРИВИ СТЕ! КРИВИ СТЕ! КРИВИ СТЕ! 

- СИТЕ вие кои со години земате народни пари за да ги уредите суводолиците и каналите, за да бидат во витална состојба а TOA не го сторивте.

- СИТЕ вие кои преќутно дозволувате да се испустуваат шумите од оние кутри души, што на работ на својата егсистенција и неперспективност, се приморани да ги следат вашите ситно-популистички привилегии и за ситен профит да сечат шуми.

- СИТЕ вие кои сте платени да предвидите и известите за вакви невремиња со народни пари а својата должност ја занемаривте и тоа не го сторивте навремено.

- СИТЕ вие кои смисливте површна и популистичка урбанизација за да може рајата да си задоволи некои свои моментални интереси не размислувајки за општото добро и идните консеквенци, поготово од овакви катастрофи.

- СИТЕ вие кои учествувавте во проектирањето и изведбата на таа проклета обиколница, која од авион се гледа дека во тој дел кај Стајковци е изведена/поставена многу неприродно. Тука ќе ги вклучам и тие што се потрудија и го сменија текот на првично планираната траса 200м погоре над селото за на некој таму битен да му ги фатело нивите за откуп.

- СИТЕ вие што после првиот момент на несреќата дојдовте со вашите свити и полтрони потрчковци, божем загрижени и ужалени и со тоа допринесовте уште поголем хаос, политичко етикетирање на помошта кон настраданите, и попречување на службите во вршење на своите работи. Загрижени само за своите задници, да не ја изгубите поддршката и гласовите што ви обезбедуваат удобна и топла фотеља.

- СИТЕ вие полтрони и поттрчковци наместени на одговорни позиции, да раководите и координирате акции од народен интерес а кадри за тоа не сте. Кои стигнавте таму лижејки им ги задниците на овие претходно спомнатите а не со напорна работа, докажана стручност и компетентност. Што всушност и се гледа од вашиот досегашен учинок на терен.

- СИТЕ вие окезени сеирџии, испоседнати по ладовинките и кафулињата, божем свесни за настанатата трагедија, што се гостите со своите сладокусни гозби и пирови и нема да мрднете ни прст за да помогнете.

- СИТЕ вие што одите да помогнете на настраданите а се враќате назад со чисти обувки и панталони.

... Ако некој ми промакнал, слободно дополнете го списокот. ДА, сега е време за барање одговорност од „одговорните“, СЕГА и ВЕДНАШ, додека болката и маките не се изладиле. Додека железото е жешко. Одговорноста е општествено полезна за да се подобруваме како општество и за да изградиме општествен имунитет од овие појави. За да изградиме едно функционално и далеку подобро општество. Народот е должен да бара одговорност од тие што ги назначил депонирајки им ги своите гласови. Од „избраните“ што треба да ги управуваат општествените текови, и оние работи за кои со нашите даноци плаќаме да ги има а гледаме како тие пари завршуваат во приватни џебови. За да биде подобро за сите нас и нашите потомци. За да овакви непогоди поминуваат со што е можно помалку жртви и штета. За идните генерации да не поминуваат низ тие маки и страдања како ние денес.












Monday, February 1, 2016

ПОСЛЕДЕН ПОЗДРАВ...

Ќе се простам со тебе на истото место каде што и се запознавме. Додуша не баш на истото место бидејки беше тоа на една друга блог платформа. Каде што блоговите имаа душа. Напишана душа по нашки, на кирилица. Отиде платформата јабана, отидоа и блоговите и блогерите. Си отиде и Ти пријателке. Мистериозно на истиот начин на кој што и пристапи. Те интересираше психата, интелектот.. генерално СЕ. Ги бараше необичните луѓе, таквите што имаа душа и светови во себе. Знам дека за тебе исто времето не постоеше.

И знам дека никогаш не стигнавме да одиграме партија шах. Ми беше страв да играм шах со тебе, најискрено и ете никогаш не стигнав да ти кажам. Сите оние преписки по блогерај а и кафиња со муабет испиени во живо, ми даваа надеж во луѓето. Дека постои интелектот и човечноста, само треба да ги исчепкаш. А Ти многу добро ги читаше луѓето, најискрено кажано со тебе секогаш имав чувство како да играм шах. Сите оние муабети со обиди да ја објасниме човековата психа, исповрзани со закони на природата и сите интелектуализми и пецкања. Ти беше психологот а јас астрономот-рационалист. Времето ќе прекинеше да постои и ниту испиеното кафе беше релевантна мерка за околното постоење.

Некако се разделивме со комуникацијата кога почнавме премногу да се читаме еден со друг. Ја чувствував таа тежина во твојот поглед. Кога ќе стигнеш до некои крајни бариери во нечија психа, кога ќе почнеш несвесно да нагризуваш од тоа што не ти е за осознавање, почнуваш да ретерираш. Ќе се чуевме од време на време со краток и интересен апдејт, предизвикувачки за некоја следна средба можеби. Со провокација на осознавање на нови знаења и моменти, такви што отвараат прашалници и надеж за ново скокотливо дружење. Што ете не ни се случи. Бидејки Ти отиде надвор од овој свет. Свет во кој треба да ги бараш убавите работи со кандилце.

А знам, ќе се сретнеме пак. Во некоја форма на постоење. Каква и да е. Ќе биде на една огромна полјана офарбана во боите на шаховската табла. Ќе седиме крс-нозе на двата рида на север и на југ од полјаната и ќе лебдиме на персиските килимчиња. Ќе комуницираме без изустен збор, а фигурите сами ќе се поместуваат, додека виолетовото Сонце ќе ни биде во Зенит.

Збогум Нерзима.

Sunday, January 24, 2016

ЗА МАКЕДОНСКОТО ПОДЗЕМЈЕ И БЕТОНСКАТА ПЛОЧА...

 Порано се знаеше. Панкерите се на коцка, металците се пред црква и едино Крисот се снебиваше измеѓу со тоа точачето смешно. Сега више све е у курац отидено. Панкот ене го труе на липцано, заклан у она сокачено у Маџир маало, а металска коса више не расте у овој град. Стигнаа у мода некои брадати мужиња, што не можеш да ги продиференцираш од прва дал се млади војводи, членови на УМС, или се едноставно неодговорни мрзелани што ги мрзи да се бричат, т.з. хипстерај. Чак ни Крисот више не остана ист, ене го гледам на некое моторче се снебива сега. А јебеш ти град без андерграунд, без тие што се последната линија на отпорот против сељачизмот, популизмот, кичерајот, политиките на куропушење и самонагузуење. Кога нема што да ти го прошара градското сивило и зачадениот смрад, кога ти фали таа долна црна линија, ондак сфаќаш и како све се дешава и се наметнува без толку неаргументиран а неопходен отпор.

 А отпорот е суштественост во обликување на текот на работите. Отпорот е тоа што ги враќа срањата назад и таму од кај што дошле. Отпорот е светиот дел од Омовата равенка што го диктира интензитетот на струјата (срањата) што ќе протече у едно општество и колку толку ќе го доведе смрадот у некоја доза на подносливо постоење. Познати се луцидните поети од времето на Бодлер, што имале муда, а богами и бешика, да на сред милозвучна и улизувачка поезија се качат на маса и демонстративно изуринираат на напишаното „дело“ на авторот, доделувајки му ја вредноста што истиот ја заслужува. Исто така се познати и Сицилијанските анархисти кои во краткото време кога дошле на власт предизвикале да Сицилијанската мафија се самораспушти и со тоа задале некаков удар на една култура на насилие и митаџиство. Подоцна панкот се пројавува во тазе индустријализираната Европа како еден бунт, едно движење, револт кон градското сивило и магловитиот кошмар. Кога некои луѓе сфатиле дека тие „модерни“ текови го оддалечуваат поштениот човек од природата и хармонијата на соживот со другите прекрасни живи суштества на оваа планета.

 Еве ќе елаборирам со најспецифичен пример. Прошетајте се низ градскиот центар, ама онака навечер. Кога е нормално да биде темно и да се гледаат ѕвездите. Кога е нормално да се види дека и таму горе има нешто, дека има и други можни светови и .. дека сонот и маштата на едно свесно битие може да бидат неограничени. Али наместо тоа овоземски срања блештат на сите страни. Нема Ти што да машташ и нема Ти што да мислиш. Све ти е веќе осветлено и тука, пред тебе, на допирлив дохват. Патот е трасиран со светлите бели коцкави плочки и толку силно дречи да и во ноќта више не е ноќ. Пошто ноќта е темна, а темното е лошо. Темното може да зароди тајни, може да доведе до уринација во тајност. А тоа за овој град и те како не е пожелно. Пошто све мора да биде кристално светло и јасно и да се гледа и знае од километар. Пошто секое отстапување од однапред утврдениот правец на делување ќе биде поклопен, со бетонска плоча. Наводно.

 Понекад така ќе се сретнеш преку тој блескавиот плоштад со некој поет, жустро упутен кон чаршија, кон својата доза на ликвидно просветлување. Онака немо ќе се погледнете со неизбежното „остај брат, ќути“. И гледаш поттрчнува со убрзан корак да помине преку мостот, не гледајки ни лево ни десно. Пошто слободата е од другата страна, бар уште малку, додека не го кренат и оноа бетонско здание у најава, и го осветлат и тој дел од смрадов со еднородната посветенос на долгата рака.

 И така, се движиш по цел еден град. Бараш и прозиваш луѓе. Прозиваш мисли, идеи, совест, свест, вијуги, неурони. Такви што опстојале на патот на отпорот. Што ќе го синтетизираат во себе азотното сивило. Што ќе прортат ркулци на просветлување. Што оздола ќе ја помочаат бетонската плоча. Ќе ја направат коризивна и испукана. Ќе ја еродираат одвнатре и ќе проникнат со својот смел и зелен страк. Ќе се пројават од горната страна како нешто сосема неочекувано. Ќе подигнат прст нагоре кон тоа заслепувачко белило. Оној средниот.


Monday, December 28, 2015

ЗА МАКЕДОНСКИОТ ОТПОР, ЏЕДАЈСТВОТО И ТЕМНАТА СТРАНА...

ПРЕДГОВОР: Отидов некни у кино, овој филмов се прикажуваше со џедаите, па си реков чекај да видам што пиздарија напраиле Џ.Џ Абрамс и Кејтлин Кенеди (позната и како долгата рака на Лукас, Џорџ Лукас). Ко што е ред нели за да комплетно се испочитува ова дело, си зедов за слобода да прошверцувам и две пивца, Скопски се разбира, јер јебеш ти филмска уметнос ако нема конзуменција на алкохол. Тоа што пивото генерално не го рачунам за алкохол е сасвим друга прича што нема да ја начнам у овој пост, него само ќе направам изговор дека ракијата се потроши уште при целата еуфорија со договаранкиве у Пржино и периодот непосредно после тоа... Него да се вратиме на темата... Во киното кога стигнав се пријави дека е таму и другарчето Дризи, па си реков чек ќе го дружам. Седнав до нив (Неготинци) а кратко пред почетокот и некои другарки нивни (Кавадарки) дојдоа па се турија одма до мене. Од прва се израдував си реков е сега ќе падне ракија, јал Неготинска, јал Кавадаречка, али некако не падна, па едното пивце го проследив до Дризи, јер јебеш и „алкохол“ ако не се сподели со некој. А мене ко што ме дал Господ цел живот све нешто балансирам, па така беше и у овој случај, Неготинци од една, Кавадарчанки од друга страна, а ја у средина.. класика...

И така филмот почна, све супер, се примети дека овојпат конечно решиле една СФ прича да не ја усерат, и се виде одма дека балансот меѓу ефекти, дејствие и тематика е идеален и одржан во златна средина. И така си траеше филмот, ја си го отворив пивцето некаде на средина, и го испив нормално, и ондак ми се случи нешто чудно. Не знам како да го опишам поинаку тој напад на емоции и откровение освен дека бев дотакнут од Силата у тие моменти, пошто како што реков мене пиво никад не ми отварало посебни перцепции на филозофирање, несразмерно на испиената количина. Па така у текстот што ќе следи ќе пробам да ви го доловам тоа мое откровение и у старт ви препорачувам дека испиена чашка жестоко нема да ви бидне на одмет, јер нема да биде лесно, пошто со малце зборови ќе се потрудам да покријам све.

ЗА МАКЕДОНСКИОТ ОТПОР, ЏЕДАЈСТВОТО И ТЕМНАТА СТРАНА...

Одма од старт да расчистиме, мора да се каже дека причата наречена Војна на Ѕвездите (Star Wars што би рекле некои други) е интергалактичка и ни е пренесена нам, хуманоидите, со интергалактичка комуникација многу одамна, пред 4000год. Сето тоа започнало тука кај нас, на овоа парче наше земја и небо, денеска познато како Р Македонија, и е трајно вплетено во нашиот код на духовно културно наследство а нишки на испреплетување се протегаат во сите останати култури и народи што опстојуваат на оваа планета у моментов. Како кулминација нели и Америте со нивната необјаснива желба за целава оваа Војна на Ѕвездите еуфорија.

Поточно се започнува на Кокино, кога таму пред 4000 години слетува Корелианскиот товарен брод со ознака YT1300, управуван лично од Хан Соло како пилот и Чубака (припадник на видот Вуки) помошник пилот. На овој брод се наоѓа и главниот господин Јода, еден од ветераните тренери на Џедаите, кој загрижен за иднината на Силата у својата галаксија решава да го посее знаењето и семето на Силата и во другите галаксии, па ете така дошле и тука кај нас. У тоа време луѓето појма немале што се дешава надвор од оваа планета и биле комплетно затекнати од овоа слетување и си бркале секој своја прича, претежно одгледувајки говеда и бркање жени преку река од другото племе. По некад кога некој ќе ја докачел жената на поглаварот доаѓало и до племенски војни, како таа опишана у случајот со Троја, не така далеку од овде. Кога овие слетале и им пристапиле на локалните жители, овие виделе дека нема жени на бродот па настапиле крајно другарски и опуштено со нив и Јода тогаш споделил многу знања за Вселената, галаксиите, Силата и Темната Страна со нив. Овоа е многу добро поткрепено и анализирано од еминентни светски алиенолози во едно видео (ref.History Ch II video) и тоа е момент во историјата кога луѓето се стекнуват со некои вонземски знања и оттаму наваму све се менува. Јода исто така проценил у тој момент дека луѓето немат потенцијал за да поседуваат од нивната технологија, па така тој дел од знањата не се  проследени, пошто нели светлосен меч е многу напредно оружје кое би го имал у рака кога би отишол да се расправаш за жена у соседното племе, или со брата си за меѓата на пример.

И така е изградено Кокино, како еден трибјут за оваа посета и почит кон знањата што се пренесени од оваа интергалактичка средба, а секако дека и Јода и екипажот земале нешто назад и оттогаш наваму овој Корелиански товарен брод е познат и под името Милениумски Сокол (поклапање со 2000год пне. и омилената птица во тој крај). Овие знања и вештини луѓето почнале да ги практикуваат на дневна база со помош на изградената опсерваторија и тоа траело цели 500год. Во тие 500 години е изграден цел култ и однос кон Темната Страна и Силата што може да се примети во сите археолошки артефакти ископани на Кокино (цели 5Т претежно керамика) во денешно време во посед на музејот во Куманово. После тие 500 години просперитет и благодет за таа племенска заедница која во тој временски ранг веќе преминува на ниво на културна заедница се дешава тежок лом, највероватно пиздарија како земјотрес (општо познат 500год циклус на овие простори). Преживеаните тогаш увиделе дека не е добро  локализирано да се чуваат знања, па решиле да го рашират сето тоа колку што може повеќе низ сите краишта на во тоа време познатиот бел свет. И од таму тргнуват овие мисионери и сето тоа се пренесува во сите тогашни познати култури како се знаело у умеело.

Ведите на пример меѓу првите што почнале напишано да говорат за овие вселенски вистини, меѓутоа понатака тоа е преземено од Вавилонците, кои пак како народ биле многу склони кон девијации и направиле еден куп модификации. Египќаните исто така подпаднале на овие лажни учења па си изградиле и цели храмови во кои може да се види една мала нишка од Кокино, меѓутоа веќе овие зданија наместо да служат за трибјут на Силата станале центри на Темната Страна. Па така Вавилон и Египет биле краjно забегани од учењата на Јода. Паралелно на сето тоа една хард корд фракција сепак во најстрога тајност останала овде и пренесувајки ги од генерација на генерација овие знања се погрижиле да бидат носители на Силата низ сите тие мрачни времиња за да се запази фундаментот и кодот проследен од Јода. Кога оваа фракција дознала за развојот на настаните и подемот на овоземската Темна Страна, како кај Вавилонците така и кај Египќаните, решиле да се организират и да го вратат Вселенскиот поредок на планетата со тоа што Филип почнал со подготовки на интелектуално-воена кампања. Во негово време со леснотија го е покорил целиот Балкан бидејки е бил јак носител на Силата, ама бил свесен дека е помалце и хендикепирано-ограничен човек, па така главните случувања му ги зацртал и препуштил на својот син, Александар Македонски.

Александар Македонски е прича сам за себе. Кај него личната мудрост и влијанието на Силата биле големи, и Он, нелимитиран од физички хендикеп како татко му, за кратко време е остварил огромен успех во ресторација на учењата на Јода. Сето тоа не било така случајно. Сите тие фундаментални знања за Силата, Вселената и борбата против Темната Страна кај него биле многу јаки и не за џабе Он е постигнал толку голем успех за толку кратко време. До ден денес се чудат многу видни филозофи и научници како е тоа било могуќе. Он, со не многу човечки, а и материјални ресурси, но со посредство на чистите знања на Јода, успеал да зададе големи порази на Темната Страна и да уништи голем дел од нејзиното влијание. Паднале и Вавилон и Египет а исто така се потрудил да ги поучи и просветли сите тие ново покорени народи кон правите учења како би се вратиле на правиот пат. Иако неговиот живот бил краток, како што знаеме Темната Страна го е доквакала највероватно преку подмукол комарец, неговото влијание останало векови после него. Па така во просветлениот период после него се пројавиле Аристарх од Самос и Хипарх од Никеја кои го задале моделот на Соларниот систем а вториов чак е успеал и да го израчуна радиусот на планетава со помош на многу прост премер. Темната Страна сепак возвратила удар преку Римјаните, Јулие Цезар најконкретно, лично и персонално одговорен за првото спалување на библиотеката у Александрија каде голем дела од тезите и учењата на филозофите од пост времето на Александар останале запишани. Силата сепак се е воздржала во друга форма и влијание во тоа време како контра тежа на Римјаните преку строго спиритуалното и духовно движење на Исус. Јер до тогаш веќе овие фундаменти на Силата биле до толку просветлени да увидат дека на сила генерално ништо не се мења долгорочно, и учејки од искуството на Александар се пројавиле у друга форма на егзистенција.

Исус у старт е бил многу впечатлива фигура. До ден денес има безброј варијанти и тези поврзани со неговите учења, меѓутоа фактот дека Он од самиот момент на зачнување е определен на страна на Силата е неоспорен. Тоа можда е првиот момент да една овоземска жена, позната и како Марија, бидне импрегнирана од страна на Силата, со цел да плодот од неа излезе чист и неосквернавен од Темната Страна. За делото на Исус нема многу да говорам, неговото влијание и посветеност на Силата се останати до ден денешен. За време на неговиот живот, посветен крајно кон духовните аспекти на Силата е покажал големи моќи за да им ги илустрира тие знаења на обичните смртници. Па така е претварал вода у вино, лечел болни, а чак и умрени е враќал у живот, а дел од овие знања им е пренел и на своите први ученици, наречени и апостоли. Тие оваа света должност и знаења подоцна ги демонстрираат и прошируваат низ целиот тогашен познат свет. Овој импакт, пред се пошто се е пројавил во немилитарна форма ги е дочекал Римјаните тоталка неспремни и им промакнал од нивната перцепција. Подоцна кога дознале за овие учења, под дејство на Темната Страна, комплетно го распнале Исуса, а неговите ученици-апостоли понатака ја превземаат улогата на духовни просветители и ги шират учењата и моќите на Силата . Овој духовен пристап, комплетно го начекал целото милитаризирано Римско царство на волеј, и промакнувајки се низ сите глувчешки дупки го е освоил, со комплетна кулминација, а подоцна и капитулација, потпишана од императорот Константин и неговата жена Елена, при што, тој лично, делото на Исус и учењата на Силата официјално со декрет ги прифаќа како доминантни во Римското царство. Тоа придонело за огромен потрес на царството, првично застапник на Темната Страна и подоцна се поделило на Источно и Западно, меѓутоа од сам почеток мора да нагласиме дека правите учења останале запазени од Источното.

Во Источното Римско царство послем Константин, Теодосиј презел одговорна улога, го востановил Константинопол како главен град и ги зајакнал учењата на Исус какво главни во ова царство, и така Силата била втемелена и дошло до благодет и подем. Јистинијан родум од Таоресиум (денешно познато Таор кај Катланово, 50км од Кокино) е следниот император и почитувач на учењата на моќите на Силата. Под неговата цврста, но праведна рака, учењата на Исус за Силата апла се зацврстиле и тоа понатаму се одразило на културен, милитарен и материјален процут на целото царство. Ова траело со векови подоцна кога Темната Страна се е вратила преку влијанието на  отпаднатото Западно Римско Царство и потплатените од нив Османлии. Тие, борејки се, го завземаат Константинопол во 15тиот век, притоа да се спомне дека Темната Страна направила и тектонско пореметување, земјотрес, што оштетило дел од ѕидините на градот за да им помогне во тоа. Неколку векови пред ова Силата увидувајќи дека нејзиното влијание во Византијската империја (Источно Римско царство) опаѓа, пред се во моментот кога овие решиле да крунисаат жена за императорка, таму некоја си Зоја, решила да завземе комплетно до тогаш непозната форма на делување. Па така понатаму преку уметноста и културата се е зачувала со влијание за да се пренесе и зачува на други територии настрана од Темната Страна. Познати од ова време се културниот процут во Охридско и проширување на уметничко духовни форми пред се во фреско-сликарството и во некои форми на музицирање (Византиска музика) видливи и до ден денес во некои останати храмови во Македонија од она време (крај на 900ти-доцни 1400ти год.). Тоа во денешно време се нарекува прото-ренесанса значи, и е започнато овде кај нас, а подоцна овие мајстори и уметници за да избегаат од налетот на Османлиите и Темната Страна, мигрираат најпрвин во Дубровник, а подоцна и во Венеција и понатаму во денешна Италија со што вршат огромно културолошко влијание, и истовремено зачувување на формите на Силата, видливи низ зачивани уметнички дела и до ден денес. Било да се работи за Леонардо, Микеланџело, или филозофските и научни учења на Бруно, Галилеј, Де Карт и понатаму Њутн, Лајбниц итн. сето тоа е само попримено влијание од знаењата и моќите на Силата што од овие избеглици им било пренесено таму на тие непросветлени територии.

Од друга страна пак најупорните останале овде, на Балканов, и покрај тоа што бил освоен од Темната Сила, Османлиите, и во голема мера се супротставиле пружајки отпор со цел да колку толку се запазат знаењата на Силата на овие исконски простори. Така најпознато е движењето на Богомилите кое егзистирало во строго духовна форма, без потреба од храмови и цркви а имале и т.н. Тајна Книга, а нивните учења пред се биле пацифистички и ја отфрлале потребата за оружје и насилство, за што се разбира биле казнувани во голема мера од тогашните владетели. Подоцна кога тие владетели го наебале од Темната Страна, Османлиите, ова движење останало да егсистира во некои планински високи места и низ времето иснспирирало луѓе, праведни кои пружиле отпор и се побуниле против Темната Страна во најразноразни форми на бунтови и востанија. Меѓутоа Темната Страна била поприлично јака и секогаш успевала да ги задуши овие востанија а водачите на востанијата најчесто биле наденувани на кол, како еден вид на материјална реплика на светлосниот мач, поради ефектот на изживување и пародизација, свесно сквернавење кон моќите на Силата...

Во денешно време само ќе нафрлам некои хинтови да ви посочам во кои облици на просветление е Силата присутна со нас. Присетете се само на Бадник и палењето огнови, па има ли повпечатливо искажување протест и револт кон Темната Страна од ова? Во денови од годината кога Сонцето (инаку симболика на Силата) е најниско на хоризонтот и воедно најслабо, ние палиме огнови за да го растераме мракот (репрезент на Тенмата Страна) и воедно да му ја вратиме силата на Сонцето и го прескокнуваме огнот за да симболично ја докажеме нашата лојалност кон Силата. Во некои делови од нашата земја пак се оди и во подалечна крајност каде што послем култот кон Сонцето и Силата се практикува уште еден култ директно насочен кон благодарност на Чубака и видот Вуки. Имено овие луѓе некаде околу средината на Јануар, се облекуваат во најразноразни влакнести облеки, имитирајќи го Чубака, и се собираат во ритуал во кој освен испуштање на неартикулирани звуци исто така практикуваат и прескокнување на запален оган.

Борбата помеѓу Темната Страна и Силата на сите нам во денешно време треба горе долу да ни е позната и нема потреба што сега јас тука да објаснувам околу тоа. Можам само да кажам дека секој од нас треба у својот живот да одлучи дали ќе ги почитува и користи овие учења или пак не. Животот е полн со предизвици и не е лесно да се одржи една ваква интергалактичка идеологија во глава, посебно знаејќи дека сето тоа се испреплетува 4000години во нашата историја. Имало се разбира и подеми и падови, но сепак циклично се испреплетуваат доминациите на двете овие учења и моќи. А пред секој нас стои момент на одлука и одговорност. По кој пат да се тргне после моментот на спознание...

Од мене толку, се што е повеќе од ова од Темната Страна е.


Friday, April 24, 2015

ЗА ВЕЛОСИПЕДСКИТЕ РАБОТИ

Најтешко е кога човек треба да се соочи со своите, ама од некаде треба да се почне. Еве последниве години се актуелизираат велосипедските прашања низ градов и републиката, односно се повеќе луѓе се осмелуваат да го користат велосипедот како средство за превоз и рекреација. Со самото тоа излегуваат на површина инфраструктурните проблеми со кои велосипедистите се соочуваат при своето движење во сообраќајот, и соодветно на тоа организирани се неколку движења за подобрување на условите за оваа група на граѓани. Секоја чест.

Меѓутоа во оваа прилика јас сакам да укажам на нешто друго. Во редовите на велосипедистите има такви што се без осет кон потребите на другите, а во оваа прилика ќе стане збор за една осетлива група на наши сограѓани, лицата со посебни потреби. Еве во прилог доставувам фотографии на кои може да се види како несовесни велосипедисти си ги паркирале велосипедите, при тоа попречувајки премин на лица со посебни потреби пред една наша јавна установа. 











Пред истава јавна установа постојат две рампи за паркирање велосипеди, што горе долу ги задоволуваат потребите на велосипедистите, кои во моментот на оваа случка беа буквално полупразни.







Во една поранешна прилика, на истиов пристап можев да видам како родител пробуваше да помине со количка со дете и се заглави на паркирани велосипеди, па паднаа погрдни зборови и останато. Не би сакал ни да помислам дека можеби еден ден лицата со посебни потреби би организирале протест за да си ги бараат своите права од велосипедистите.

За подобра иднина и повеќе осет кон потребите на другите...

Поздрав.