Friday, April 18, 2014

ФИЛОСОФИЈА (што е поентата?)

Оригинално објавено на блогот www.algorit007.blog.com.mk Јануари.2009та година.

Се напрегнуваш со надчовечки напори и од петни жили, да досегнеш до најскриеното ќоше во правливиот Ум. Сакаш да отидеш таму пред сјебаната водка што во којзнае која количина си ја испил, и безнадежно се тркаш. Маратонска трка у стилу Гебреселасие против неговата сенка, посегнуваш кон ќошето и мамурливо се насмевнуваш. Аха, сега те фатив, ти сјебано трошче од совест што си се скрило во тоа ќоше и ме триеш како зрнце песок коа ќе ми влезе у патика па и меѓу ножните прсти, дури и кога ќе го отстранам тоа чувството продолжува да иритира.
И го допираш и пробуваш да го исчепкаш надвор, чекај можеби со малото прсте требаше, не оди, чекај ќе пробам со другото мало прсте ноктот таму ми е малце подолг. Пак не оди, а далеку во позадина помеѓу двата веќе заглушени ушни отвори, те мава господин господин Абсолут во малиот мозок и те бодри што е најтрагично. Ти вели ајде чедо, можеш ти, напрегни се уште малце повише. Слушај ме што имам јас да ти кажам, па јас сега сум твојот најдобар другар, јас сум секаде во тебе па и надвор од тебе, јас сум спој на двајцата најдобри другари што икад си ги имал. Ние сме еден а ти се обраќаме од две места, гледај што убаво ти се смеам од чашкава што е пред тебе а во едно ти зборам и те бодрам од внатре. Навивам за тебе, за твојот вончовечки напор, уште малку и ќе успееш. Ќе го исчепкаш тоа зрно што толку многу те иритира, можеби чувството ќе остане уште само малце потоа ама после ќе се чувствуваш како Бог.
И пак запнуваш со вистинското мало прсте од петни жили со ноктето, и тогаш одеднаш мала диверзија ти го попречува вниманието, ама само вниманието, ноктето си продолжува да работи, те подготвил тебе господин господин Абсолут за мултитаскинг. Се враќаш пак назад кон подсвеста, кон суштината на господин господин Абсолутовото присуство и севкупната поддршка, но на сред пат одиш лево и десно и слушаш, а што друго всушност и би можел на тоа место кога ќе се појавиш. Си велиш дали слушнав нешто како ми се обрати и ме повика? Или е само текстот и музиката на сјебанава песна? ДЏејов да не случајно кажа нешто битно? Го вклучуваш визуелниот едитор и се фокусираш на господин господин Абсолут што е во проѕирна безбојна структура пред тебе кој пак ти се смешка и те подсетува дека е тоа само интерна комуникација. Тој дел од самиот Он сеуште не почнал да ти зборува што те подсетува да си го исплакнеш грлото со еден добар гутаљ, и те прелева чувство на восхит. Поготово кон Руската култура, што измислила една ваква прекрасна личност да те крепи во битни моменти од твоето постоење. Ти не мораш да сфатиш, ти знаеш дека Он е неопходен ингридиент од твојот живот. Енергија, што е секогаш на дофат кога ти треба, секогаш спремна за дружење, спремна за циклично прелевање од материјално во нематеријално.Се насмевнуваш на самиот себеси и ти текиња, да тоа е тоа, она ајнштајновското E=mc³, релација со која добиваш од внатре чиста интелигентна енергија користејки го надворешното безбојно материјално.
Прстето и ноктето сеуште таму некаде дабоко ја водат својата битка со зрнцето песок, очите магловито намигаат несиметрично, па и како всушност да не го прават тоа кога овие светла и ласери замараат и иритираат, ех да можев сега да го видам сјајот на Месечината, или барем на Сириус, и тогаш ти текнува дека со самото појавување пред нив тоа ќе биде сквернавење на лулката на сите науки, астрономијата се разбира, пошто таа постои од кога првите луѓе ли, мајмуни ли,  погледнале од дрвата нагоре.
И си велиш, нема ти мене да ме предадеш, заебано зрнце на песок, чекај да се посоветувам јас со Ајнштајн уште неколку пати, овој пат до дното. Ама дното веќе не е пред тебе, автоматски ти се префрла вниманието позади шанкот на полиците. Тоа што има прекрасна девојка помеѓу тебе и полиците, со долга плава коса и тело како срна, тоа веќе го знаеш и тоа е во твојот мозок. Никој тоа не може да ти го оспори, сконцентрирај се на дното, на дното таму горе некаде од проѕирното шише со некои плави шкрабаници кои се Абсолутно ирелевантни. Само тропнуваш двапати по дрвото од шанкот со празното проѕирно пред тебе и некако магично тоа станува пак полно. Плус со неколку коцки на мраз испратени таму со прекрасната насмевка од уште попрекрасната типка, но не е сега тоа поентата.
Дрмнуваш гутаљ и се враќаш на сјебаното зрно песок.. па и тоа сега веќе не е поентата. Хмммм се запрашуваш за момент исплашено, што беше поентата? Те фаќа паника, и самиот знаеш дека без поента не можеш да продолжиш со дружба. Аха ... ми текна, можеби е во тие коцките меурлести и безбојни што така безгрижно си пливкаат во твоето најдобро другарче.. си велиш чекај уште една консултација, овојпат внесуваш и кјубикл и го задржуваш во усната шуплина, се разбира не и тоа другото, тоа другото е незадржливо, оди надолу и се убрзува и по инерција продолжува одма нагоре и тогаш имаш двоен ефект, на истовремено топло и ладно кои се толку близу, како едно се. Ти светнува, да, тоа е тоа, во тоа е суштината на постоењето, во тоа е поентата...

No comments:

Post a Comment