Thursday, October 23, 2014

ДА МАЛТРЕТИРА И АРАЧИ ...

Наместо она американсконо „Ту серв енд протект“, „Да малтретира и арачи“ - мотото на македонските службеници кои се „грижат“ за зачувување на законите и уставниот поредок. Објективноста, производ на личните искуства секогаш е најболната за раскажување. Македонија, земја каде што и физички невозможното, сепак може да стане право.

Ситуација бр.1

Пред некоја година, се возам со кола по Антон Попов, улица што помиува низ населбата Ченто. Повеќето од нас знаеме дека станува збор за доста фреквентна, тесна улица, со тесни тротоари. Тргам од семафорите на претпоследна 45ка спрема Центар, ко и секогаш почитувајќи ги сообраќајмите правила, со посебна внимателност на овој потег поради претходно споменативе околности. Одеднаш почнувам да слушам сирена позади мене.Упатувам поглед во ретровизорот и гледам патничко моторно возило без никакви ознаки, со некакво сомнително црвено-плаво светло поставено некаде во горна зона од внатрешноста на напукната шофершајбна. Збунет од оваа слика, но во исто време и присебен, вклучувам 4 жмигавци и намалувам брзина на движење од 50 на 40км/ч и продолжувам да се движам уште некои 100на метри до првата автобуска постојка, притоа махинално преиспитувајки се дали сум направил некаков сообраќаен прекршок. Тогаш ми текнува дека дотичниве господа позади мене не се сообраќајна полиција, па таквото резонирање секако дека паѓа во вода, но ете застанувам и сепак да видам на што ќе излезе оваа ѓурултија. Го отварам прозорецот до половина, а од возилото позади мене, од совозачкото седиште излегува типче ќелаво, разбацано , во цивилна облека, и почнува со сосема покачен тон 

-  .. што не застанеш бе ти онаму кај што те запирам? .. ќе те бркаме ли по пола град? 

А некако беше некој весел пролетен ден, а и по малку се чувствував релаксиран и опуштен од партијата баскет што ја изигравме со брат ми и останатите дечки, па си решив сам во себе дека нема да дозволам еден ваков неартикулиран цреп да ми ги одземе мирот и релаксираноста.

- Добар ден господине, а вие од полиција сте? Легитимација нешто да приложевте?

Велам и набљудувам како младиов дибек уште толку покачува притисок и добива на црвена боја и импулс. 

- ЈАС ОВДЕ ПРАШУВАМ ЗА ЛЕГИТИМАЦИИ, КОЈ СИ БЕ ТИ МОЧКО НИЕДЕН ВАКА ДА СЕ ОДНЕСУВАШ СО МЕНЕ, ИЗЛЕЗИ ОД ВОЗИЛОТО И СТАВАЈ ГИ РАЦЕТЕ НА ХАУБА !

Одговор што само некој Фројдовски-Макијавелистички модел на индивидуа може да го приложи на нормален и културен начин на комуникација, и одма сфатив дека нема да биде лесно. Сепак решен да ги истерам работиве до крај, во склад со законите, законските акти, нормативите за културно однесување пишани и непишани. Пред се во интерес на здравиот разум решив да дадам културолошки отпор и несоучешништво во еден ваков крајно вулгарен акт. 

 - Извинете господине, вие сте за мене само лице во цивилна облека, излезен од возило без никакви ознаки, без приложување на соодветна легитимација, јас немам право да се потчинам на вашиве побарувања.

Упорно продолжувам по мое, сметајки дека разумот, свеста и присебноста треба да останат одраз на културните и свесни индивидуи, припадници на видот Хуманоиди,осознаени битија, шлифувани со еден временски интервал на неброени векови култура, наука, образование и технологија. Во тој момент некакво тропкање по стаклото на совозачката страна од моето возило ми го превзема вниманието. Сепак неговиот колега како постар и поискусен решил да ги превземе работите во свои раце. Се вртам и таму веќе гледам полициска легитимација со сите присутни генералии, и во тој момент полека излегувам од возилото. 

- Извинете за мојот помлад колега господине, на работна задача сме и имавме напнат ден.

Сфаќам дека станува збор за далеку пошколуван службеник, кој годините поминати во службата го научиле како навистина се комуницира со луѓе, од чии платени давачки кон државата тој си ја зема својата плата. Додека сум со рацете на хауба, моите документи ги проверува третиот од нив, притоа нешто зборувајки на радио станица, а овие двајцава ми го проверуваат возилото. Онака застанат на автобуска постојка, со сите врати испоотворени на колата, ми доаѓа сликата и ден денес. Уште да имав на мене црно бели Адидас тренерки, наместо од брендот Ли Нинг (бренд што ниту еден сериозен мафиозо од Ченто па натаму не би го натакнал на себе), и комотно ќе можев барем за момент да се сместам во Пума патиките на оние криминални стапала, секогаш спремни да трчаат и скокаат по улички и преку огради од дворови уште на првиот знак на појавување на органите на прогонот. Конечно излегува и оној третион.

- Абе сега ми текна кој е, овој е син на професорот од Црешево, оставето го, наше дете е. 

Најстариов од нив ми се обраќа повторно.

- Извини дечко имавме дојава за дилер со сериозна пратка, во металик боја на моторно возило. 

Одмавнува со раката и тргнува кон нивното возило.

- И другпат застани онаму кај што те запираат !

Како некаков надмен заклучок ми дофрла младиот, што земајки ги во предвид сите околности во нашава држава во изминативе години, јас лично му предвидувам светла и весела кариера во нашето ни МВР. Јас пак подзинат од целана ѓурултија, и што би можело да им значи она „ ... наше дете е... “ и како може да си сомнителен само од простиот факт дека поседуваш возило со металик боја, си продолжив понатаму.

Ситуација бр2.

Ова само накратко ќе то претрчам, бидејки од приложената фотографија секој ќе сфати за што станува збор. 


Мојата вербална забелешка дека инструментот за мерење на алкохолисаност е нефункционален, е уредно заведена од крајно некомпетентното службено лице во записникот. Фактот што јас сум во тој момент жив, на нозе, свесен и очигледно контактибилен, формално и процедурално поминува низ сите „одговорни“ раце на системот. Па така јас сум осуден со одземање на возачка дозвола на 3 месеци, и покрај мојата приложена жалба до Апелациониот Суд, аргументирајки дека дозата на алкохолисаност е соодветна за барем два пати да сум мртов. Со овие два официјални извештаи на службено лице на Р Македонија, и двете изречени пресуди, со сите потребни потписи и печати, ми останува само прашањето дали можам да се пријавам за во Гинисова Книга на рекорди, или пак за некаков редок медицински феномен. Можеби ќе покренам некое ново научно истражување и ќе ги променам видувањата во науката за дејството на алкохолот во организмот. 

No comments:

Post a Comment