Tuesday, October 24, 2017

БРИСЕНДЕНОВАТА ПРЕЗУМПЦИЈА НА НЕВИНОСТ...

Сите ние го имаме тој некој човек покрај нас. Наречете го како сакате, еве јас ќе го наречам „гласот на разумот“. Човекот што бескомпромисно и безрезервно е спремен да ви каже се што навистина мисли за вашите „дела“, без да ве потапша по рамо и без да очекува дека и вие исто ќе го потапшате по рамо со вашиот одговор. Уште ако е тоа човекот што ќе се потруди да во тие моменти на просветлување ви донесе некое количество на алкохол, што ете од несебични причини, решил да го сподели со вас во тие моменти на искрено себеосознавање... е тоа е пријателе  личноста што би сакале да ја задржите во вашиот живот.

Критиката почна да станува бесценета работа на оваа ебана планета. Не знам како е на другите, за сега возможно е да се биде жив само на оваа, меѓутоа чувајте се од слатко-речивите. Од оние ликови што никогаш не се во состојба да го прифатат предизвикот и да зачекорат во непознатото, во неодбележаната територија,  да ги излеат своите вистински импресии без притоа да водат сметка дека можеби нема да се изразат со „вистинските зборови“ и евентуално навредат/повредат некого. Па поѓаволите, одзема поприлична доза на ментална енергија напорот да се ставиш во туѓи чевли, да пробуваш да разбереш некого. Да се разбереме, мојот личен став е дека тоа само по себе и воопшто не е возможно. Некако првата категоризација што мене ми лично ми доаѓа на памет е да го наречам тоа „Етикетизам“. 

Етикетизмот е една болна и ниска душевна состојба при која „оценувачот“, односно тој што ве сослушува, од разноразни причини, нема воља да се стави за момент во вашите чевли. Во неговата сивкаста маса, таму некаде горе, една педа над неговото торзо, не можат да се оформат такви Хемиски процеси, што на дотичниот ќе му обезбедат интелектуален потенцијал за да се започне со една неформална анализа во својство на барем и делумно разбирање на искажаната материја. Па така на дотичниот „набљудувач“ му е многу полесно да започне процеси што само ќе премачкаат лепак и ќе ја залепат етикетата на содржината од искажаното. Бидејки ниту една тегла не смее да заврши на полиците неетикетирана и „неосознаена“. Со други зборови еден прост пример за ментална само-кастрација.

За разлика од овие, Брисендените, иако се реткост, сепак постојат. Успехот на успешните луѓе е да го пронајдат Брисенден во својот живот. Без разлика која и да е цената на просветлувањето, овие релации изускуваат трпение, сослушување, самоанализа и отсуство на импулсивност. Доблести што секој искрен почитувач на начините на свеста и интелектот е должен да ги следи. Да, и ова, не секогаш овие релации функционираат во обете насоки. Бидете среќни доколку го пронајдете овој лик во вашиот живот, и не протестирајте доколку ви кажат дека треба да ја прекинат дискусијата, затоа што треба да ја прошетаат својата Малтешка пудла токму тогаш.




Sunday, October 22, 2017

ГУЛАБИ НА НЕМИРОТ...

Не знам дали сте го осетиле она чувство, кога човек ќе прекине да сонува. Не знам ни дали беше прекин на сонувањето или пак едноставно се работеше на непомнење на сонуваното. Можеби целата ситуација имаше врска со лудите ноќи исполнети со поприлично количество на алкохол. Некое смрадливо, ладно и влажно време го обвиваше тој период од мојот живот и единствените светли точки беа ноќите исполнети со мноштво конзумирани молекули на алкохол и отсуство на свест и совест. Една причинско - последична релација изнедрена од трулото и безперспективно општество.Она кога утрата ти се напросто една чиста лотарија, и кога секое утро без главоболка се чувствуваш како добитник. Беше реткост ама знаеше да се случи. 

Причини, алкохол и расположени друштвенца секогаш се наоѓаа. На почетокот вложуваш напори да задржиш некој контролиран процес и какви такви критериуми, но со придвижување на работите едноставно гледаш да се „сврти водата на твојата бразда“.  Никогаш пиво, пошто јебеш ти пијалак што не те носи никаде и секогаш те остава на пола пат или пак во ред за чекање пред некој тоалет одново и одново. Никогаш не мешав вино со други вина или со други алкохоли. Само тој што не го осетил главоболието после испиена поприлична и мешана количина на господовиот лажливец на сетилата може да се нарече поштеден алкохоличар. 

Местата каде што се пиеше секогаш како по некое правило беа зачадени. Додуша и надвор беше зачадено. Во неколку наврати пробував да си го објаснам тој феномен. Посветувајки неколку сесии на шанк специјално за таа пригода, донесов едностран заклучок дека тоа е состојба, рефлексија на прљавите души на луѓето. Како поинаку да ја објасниш простата статистика што ги сместува тие луѓе секогаш во врвот по % на пушачи на планетава, и некаде кон дното од аспект на приходи по глава на жител. 

Утрата скоро секогаш и без исклучок ги мразев. Обично тешките и темни завеси беа развлечени преку прозорците за да спречат несакано појавување на било каков евентуален сончев зрак. Ништо не смееше да ја изремети мојата олабавена психа наутро. Единствено проклетите гулаби што беа вгнездени на балконот понекогаш знаеја драматично да се распафтаат со крилјата и да долеат масло во моето полуо-oсвестено главоболие. Долго време водев битка со тие проклети птици. На крај се откажав. Не знам дали им простив кога меѓу првите пати кога ме изреметија, излегов полу-расонет на балкон и сфатив дека се разбегале поради комшивката што спружаше алишта над мојата тераса. Или пак можеби  ги прифатив како природна казна кон моите сетила, како некаков последичен еквилибриум проследен со моментот на „па кој те тераше да пиеш толку пичка ти матер синоќа“ и инстантната главоболка. А можеби токму тоа звучно пафтање да беше и анихилаторот на моите соништа. Проклетите гулаби на мојот немир.