Sunday, March 8, 2015

ЗА ТАСМАНИСКИТЕ ЃАВОЛИ И ДУХОВНИОТ КАНЦЕР

Пред некоја година дознав за тасманиските ѓаволи. Сиротите створови се на граница на исчезнување. Имено целиот вид од овие мамали е загрозен од еден вид на канцер, кој во нивниот случај успеал да стане заразен. Овие навидум слатки животинчиња се всушност многу агресивни. Кога нивната месојадна природа ќе се дочупа до храна, нивната агресивност и те како е изразена. Ако некој друг припадник од овој вид проба да земе удел од пленот, ќе биде искасан и всушност при тој процес на укасување се пренесува канцерот од една на друга единка. Заразата се шири по целата територија на Тасманија и часовникот брзо отчукува, доближувајки се до крајот на овој вид.  

Научниците согледувајки го овој проблем уште во далечната 1996та година, почнале да работат на неговото решавање. Изведбата на решението оди во две насоки. Првата насока е да се уловат сите единки од видот тасманиски ѓаволи што не се заразени со овој вид на канцер и да се преселат во прифатилишта во Австралија. Кога видот целовкупно ќе изумре, за некои 25-30 години, тогаш овие здрави единки ќе се искористат за репопулација на Тасманија. Втората насока е откривање вакцина што би го спречила прогресот на овој вид канцер, меѓутоа ова оди потешко. И првиот и вториот случај е борба со времето. Во првиот случај треба да се уловат што е можно повеќе вакви незаразени единки, така што би се обезбедилa разноликост во генетскиот потенцијал и шансите за успешно размножување и репопулација би биле поголеми. Во вториот случај треба да се измисли оваа вакцина и да се примени пред да биде предоцна.

Мене лично не ме погоди толку многу оваа тажна приказна колку што ме погоди една симболика која неминовно ми се наметна во еден момент на просветлување. Духовната состојба на нашето општество. Недвосмислено можеме да кажеме дека сме заразени со некој вид на духовен канцер, што во моменти на агресивност си го пренесуваме едни на други. Рефлексијата од оваа состојба се пренесува брановидно во сите сфери и пори на општеството. Духовната корумпираност земала таков страшен замав, што во моментов опстанокот на целото општество е доведен во прашање. Долгогодишното отсуство од лични тежнеења кон патишта на интелектуалното изградување и просветлување, не доведе во состојба на безизлезност. Ни се наметнаа вирусоидни форми на евтин национализам, евтина политика. евтин материјализам, евтини етика и морал ... итн. Сето ова допринесува за отсуство на свест и совест, заслепеност и заблуденост, емотивна и мисловна неинтелегенција. Оние ретки примероци што се обидуваат да дојдат до своето парче на духовна храна и просветлување, ги угризуваме со бес и агонија, несвесни дека со тоа го пренесуваме овој духовен канцер, кој се заканува да го уништи постоењето на нашето општество. Македонското „ човек на човека е волк“, слободно може да се преиначи во „ човек на човека е тасманиски ѓавол“. Во овие моменти ни останува само да се надеваме дека „вакцината“ ќе биде измислена и применета пред да стане предоцна.

Авторот не е универзитетски професор.




No comments:

Post a Comment