Saturday, March 21, 2015

ОДА ЗА ПАДНАТАТА ГРМУШКА !

Значи пичка ви матер. Биваше ли бре грмушката да ја исечете? Ај све ви простив. И Скопје 2014, и енергетскиот систем што го унаказивте, и слободниот печат, и корупцијата у Мобимак и МТ, и продажбата на ОКТА, и приватизацијата, и ТАТ и остали штедилници... Ама грмушката да ми ја исечете? Оноа напредно брстче помеѓу она ваше неартикулисано стипса здание што го нарекувате Министерство некакво и објектот на Опера и Балет. А беше напредно богами и имаше потенцијал, секогаш раззеленето и расшумолено, одма таму до трите елкички, што гледам сте ги поштедиле, ама никад се не зна. Овака ружно не сум се осеќал уште од времето Стоја првпут коа ја видов без грмушка... али тоа е друга прича.

А немаше поприродно решение од овоа. Кога природа ќе ти ги реши проблемите значи тоа е. Онака, ептен нема да ти се погоди денот. Искачаш од работа, на точак нормално, пошто тоа у последно време е ко некоја мода станато. Ти се пие ти се плаче, со секакви недоквакани си имаш работа, и правец чаршија. Кај на друго место? У близина, повише места у тактички радиус, да не ти испари ракија дур мрднеш од едно у друго. И уште друштво ако ти се погоди, готово е. Добитна комбинација, све си еба мајката. Мада ја најчесто водка пијам, и тоа строго без лимун, пошто да сакав витамини у алкохол, ќе си пиев пиво. Али и тоа нема веза... него што ми беше муабетот... аааа да... за грмушката...

И така. Ќе се видиш со луѓе, понекад и со нелуѓе. Само тоа ми остана, луѓе и нелуѓе. После толку шетанки по светов така тоа изгледа. Нема црни-бели, Германци-Французи, има само луѓе и нелуѓе. И така ќе сретнеш некои фаци шо ќе ти се видат ОК. Ќе ти истераат ќеифои да испијат со тебе некоја пијачка на шанк. Па макар бил и шанкон у Ла Кања, што патем речено уопште не е лош. Пошто и Жучко знае понекад да се погоди тамо. И ондак доаѓа најзаебаниот дел. Треба да се стегнеш, у рукавици, шалови и други реквизити, и да си ја оправиш накај дома. Е после едно 500м педлање, епа ти доаѓа братче една олеснителна околност. Имено ти доаѓа потреба за олеснуење, пошто бабулето се раздрмало. Тамо кај грмушката. И сега више ЈОК грмушка. Епа да ви ебем матер !

Sunday, March 8, 2015

ЗА ТАСМАНИСКИТЕ ЃАВОЛИ И ДУХОВНИОТ КАНЦЕР

Пред некоја година дознав за тасманиските ѓаволи. Сиротите створови се на граница на исчезнување. Имено целиот вид од овие мамали е загрозен од еден вид на канцер, кој во нивниот случај успеал да стане заразен. Овие навидум слатки животинчиња се всушност многу агресивни. Кога нивната месојадна природа ќе се дочупа до храна, нивната агресивност и те како е изразена. Ако некој друг припадник од овој вид проба да земе удел од пленот, ќе биде искасан и всушност при тој процес на укасување се пренесува канцерот од една на друга единка. Заразата се шири по целата територија на Тасманија и часовникот брзо отчукува, доближувајки се до крајот на овој вид.  

Научниците согледувајки го овој проблем уште во далечната 1996та година, почнале да работат на неговото решавање. Изведбата на решението оди во две насоки. Првата насока е да се уловат сите единки од видот тасманиски ѓаволи што не се заразени со овој вид на канцер и да се преселат во прифатилишта во Австралија. Кога видот целовкупно ќе изумре, за некои 25-30 години, тогаш овие здрави единки ќе се искористат за репопулација на Тасманија. Втората насока е откривање вакцина што би го спречила прогресот на овој вид канцер, меѓутоа ова оди потешко. И првиот и вториот случај е борба со времето. Во првиот случај треба да се уловат што е можно повеќе вакви незаразени единки, така што би се обезбедилa разноликост во генетскиот потенцијал и шансите за успешно размножување и репопулација би биле поголеми. Во вториот случај треба да се измисли оваа вакцина и да се примени пред да биде предоцна.

Мене лично не ме погоди толку многу оваа тажна приказна колку што ме погоди една симболика која неминовно ми се наметна во еден момент на просветлување. Духовната состојба на нашето општество. Недвосмислено можеме да кажеме дека сме заразени со некој вид на духовен канцер, што во моменти на агресивност си го пренесуваме едни на други. Рефлексијата од оваа состојба се пренесува брановидно во сите сфери и пори на општеството. Духовната корумпираност земала таков страшен замав, што во моментов опстанокот на целото општество е доведен во прашање. Долгогодишното отсуство од лични тежнеења кон патишта на интелектуалното изградување и просветлување, не доведе во состојба на безизлезност. Ни се наметнаа вирусоидни форми на евтин национализам, евтина политика. евтин материјализам, евтини етика и морал ... итн. Сето ова допринесува за отсуство на свест и совест, заслепеност и заблуденост, емотивна и мисловна неинтелегенција. Оние ретки примероци што се обидуваат да дојдат до своето парче на духовна храна и просветлување, ги угризуваме со бес и агонија, несвесни дека со тоа го пренесуваме овој духовен канцер, кој се заканува да го уништи постоењето на нашето општество. Македонското „ човек на човека е волк“, слободно може да се преиначи во „ човек на човека е тасманиски ѓавол“. Во овие моменти ни останува само да се надеваме дека „вакцината“ ќе биде измислена и применета пред да стане предоцна.

Авторот не е универзитетски професор.