Monday, February 1, 2016

ПОСЛЕДЕН ПОЗДРАВ...

Ќе се простам со тебе на истото место каде што и се запознавме. Додуша не баш на истото место бидејки беше тоа на една друга блог платформа. Каде што блоговите имаа душа. Напишана душа по нашки, на кирилица. Отиде платформата јабана, отидоа и блоговите и блогерите. Си отиде и Ти пријателке. Мистериозно на истиот начин на кој што и пристапи. Те интересираше психата, интелектот.. генерално СЕ. Ги бараше необичните луѓе, таквите што имаа душа и светови во себе. Знам дека за тебе исто времето не постоеше.

И знам дека никогаш не стигнавме да одиграме партија шах. Ми беше страв да играм шах со тебе, најискрено и ете никогаш не стигнав да ти кажам. Сите оние преписки по блогерај а и кафиња со муабет испиени во живо, ми даваа надеж во луѓето. Дека постои интелектот и човечноста, само треба да ги исчепкаш. А Ти многу добро ги читаше луѓето, најискрено кажано со тебе секогаш имав чувство како да играм шах. Сите оние муабети со обиди да ја објасниме човековата психа, исповрзани со закони на природата и сите интелектуализми и пецкања. Ти беше психологот а јас астрономот-рационалист. Времето ќе прекинеше да постои и ниту испиеното кафе беше релевантна мерка за околното постоење.

Некако се разделивме со комуникацијата кога почнавме премногу да се читаме еден со друг. Ја чувствував таа тежина во твојот поглед. Кога ќе стигнеш до некои крајни бариери во нечија психа, кога ќе почнеш несвесно да нагризуваш од тоа што не ти е за осознавање, почнуваш да ретерираш. Ќе се чуевме од време на време со краток и интересен апдејт, предизвикувачки за некоја следна средба можеби. Со провокација на осознавање на нови знаења и моменти, такви што отвараат прашалници и надеж за ново скокотливо дружење. Што ете не ни се случи. Бидејки Ти отиде надвор од овој свет. Свет во кој треба да ги бараш убавите работи со кандилце.

А знам, ќе се сретнеме пак. Во некоја форма на постоење. Каква и да е. Ќе биде на една огромна полјана офарбана во боите на шаховската табла. Ќе седиме крс-нозе на двата рида на север и на југ од полјаната и ќе лебдиме на персиските килимчиња. Ќе комуницираме без изустен збор, а фигурите сами ќе се поместуваат, додека виолетовото Сонце ќе ни биде во Зенит.

Збогум Нерзима.